
Запознавање на победниците на Longest pitch marathon
Дали има шанси во Македонија за просперитет секој млад човек кој својата иднина ја гледа тука, наместо надвор од неа? Секако дека да. Единственото нешто кое треба да го направат е да ги искористат отворените можности кои им се нудат.
Еден таков настан на кој младите добија можност да ја претстават својата идеја, а воедно да создадат можност за отворање на сопствен бизнис преку добивање на инвестиција од 25. 000 евра беше Longest pitch marathon.
Еден од петте победници на Longest pitch marathon кои добија инвестиција од 25.000 евра е Стефан Савевски и неговиот тим CryptEarn. Повеќе за Стефан и за неговото искуство на настанот прочитајте во продолжение на Овој блог пост.
Ако може да издвоиш едно искуство кое те обликувало во човекот кој си денес, кое е тоа?
Фриленсингот дефинитивно. Секако, тоа не е едно искуство туку множество од искуства кои се товарат едни врз други. Секојдневната комуникација со клиенти повеќе од 5 години ме тераше да читам, учам, и истражувам за бизнис светот. Тука всушност сфатив дека ги имам сите потребни квалификации за влегување во бизнис светот, а со победата на Longest Pitch Marathon, тоа се испостави како точно. Секако, тука е и трудот на моите пријатели кои сакаа да се придружат на една луда идеја.
Објасни накратко, што беше твојата идеја и кој проблем го решава?
Нашата идеја е да направиме платформа каде што ќе може да се поврзат крипто инвеститори и play-to-earn гејмери. За да може да се играат новите крипто игри како Axie Infinity, играчите треба да имаат свои НФТ крипто карактери за да почнат. Во земји како Македонија, Венецуела, и Филипините тоа е доста скапо. Од друга страна, инвеститорите кои имаат повеќе пари може да ги купат овие крипто карактери и да ги издаваат под ќирија за дел од профитот заработен во игрите. На крајот од денот, сите страни добиваат пари, т.е. крипто токени.
Во една реченица објасни го твоето искуство на Longest Pitch Marathon?
30- часовно дружење, запознавање на нови луѓе, слушање на совети, и учење од најдобрите луѓе од бизнис секторот на Македонија.
Кој е најдобриот совет или лекција која ја научи за време на маратонот?
Имаше премногу, но кога би бирал еден, тоа би било да не се плашиш да пивотираш и да слушаш некој што знае повеќе од тебе. Мислевме дека бевме спремни со фантастична презентација, и неколку часа пред пичот добивме конструктивна критика. Наместо да се држиме по планот, направивме комплетно нов пристап, нова презентација, и тоа не доведе до победа. Не се плаши да слушаш некој што знае повеќе од тебе.
Што после Longest pitch marathon?
Веќе активно работиме на проектот и ги поставаме темелите на нешто што ни се чинеше невозможно пред неколку месеци. Секојдневно учиме и правиме мали но важни чекори во вистинската насока.
Што научивме од разговорот со Стефан ?
Истражувајте и поставете си цели кои сакате да ги постигнете.Упорноста и трпението ќе имаат голема улога тука, меѓутоа крајниот резултат нема да изостане.