Во мојата „working from home“ атмосфера, која воедно испадна да биде попријатна од што очекував, бев „опседната“ од мисла за тоа како овој период можеби ќе ги обесхрабри и онака малкуте идни претприемачи во нашата држава. 

Претпоставувам, нивните најблиски токму сега ќе ги образложат своите аргументи зошто вработувањето е посигурна опција.

Ќе биде посочено дека токму во оваа ситуација, доколку си претприемач, наместо некој да размислува за твојата плата, ти ќе размислуваш за својата иднина. И уште пострашно, ќе размислуваш и за иднината на други луѓе. Лошиот дел е што, тоа е навистина точно. Апсолутно се согласувам со тие аргументи. Да! Се грижам за повеќе луѓе, за разлика од претходно кога некој друг размислувал да обезбеди плата за мене. 

Но, целосно е занемарено прашањето за тоа кој има шанса да промени нешто во овој проблем.

Тоа е благородноста и магичната работа во одлуката да се биде претприемач. Поконкретно, доколку работам за друг, токму во оваа ситуација многу веројатно би била испратена на годишен одмор, би ми се преполовила платата или би се донела одлука да работам за минимална додека трае кризата. Доказ дека не сум далеку од вистината е фактот што тоа дури и беше опција за јавната администрација. Кога сте претприемач, одговорноста е во ваши раце и имате шанса да ги промените негативните предизвици на подобро. Доколку сте вработен, особено во корпорација, само ќе ги прифатите преполовените плати, без опција истото да го поправите.

Зошто стојам и понатаму позади работењето за себе? Зошто и во вакво време, одлучувам дека тоа е вистинската опција?

Сметам дека е помало зло да се сноси одговорноста, бидејќи на тој начин имам шанса да направам некаква разлика во мојата судбина, но и судбината на другите луѓе. Макар, таа шанса да е 10%, за разлика од извесната ситуација каде морам да прифатам нечија туѓа одлука. Било поради нов Х вирус, политичка криза или лошо расположение на мојот шеф.

Верувајте, многу од нас имаат повеќе моќ од што замислуваат. Но, не ја ставиле на тест. Преземањето на одговорност на вашите рамена е токму тој тест и затоа ве охрабрувам со следното:

„Претприемач е оној кој има тенденција да гризне малку повеќе од што може да соџвака. Истовремено надевајќи се дека попатно и брзо ќе научи како да џвака- Roy Ash„