Зошто сакам да отворам свој бизнис?

За ова прашање не постои правилен или погрешен одговор. Можеби си една од тие што решиле да создадат можности за младите во Македонија, а ако си, заслужуваш орден за посебни патриотски вредности, но ако тоа не е природата на твојата желба, тогаш единствената причина поради која треба да си го поставиш ова прашање е за да го дознаеш одговорот.

Туѓи очекувања и причини

Многу често донесуваме одлуки на основа на очекувања од општеството, родителите, партнерите, луѓето кои ги идолизираме, или обратно, за инает на општеството, родителите, наставничката од основно што ти рекла дека ништо нема да биде од тебе… Важната работа која мора да ја осознаеме при одговарање на ова прашање е дали отпочнување со свој бизнис е наша автентична желба и потреба, или е одговор на нечие очекување.

Лични придобивки

Ако одговорот е наша желба или потреба, тогаш јасно треба да осознаеме која наша потреба ќе ја реши бизнисот. И на ова прашање не постои правилен одговор, туку служи само за себе-евалуација, односно за повремено “чекирање” во текот на реализацијата на бизнисот дали сме се уште на пат кон решавање на таа потреба.

Вистинска приказна

Познавам девојка која реши да отвори свој бизнис затоа што претходно работеше типично работно време со прекувремена работа и работа за време на викенд. Причината за отворање свој бизнис и беше да создаде своја средина во која сама ќе го одредува своето работно време. Откако креираше свој бизнис, самата си креираше рутина, која под влијание на другите фактори во бизнисот повторно вклучуваше работење прекувремено па и за викенди. На ваквиот начин, таа не ја реши нејзината автентична потреба од повеќе време за себе, туку само на нејзиниот првичен проблем додаде повеќе ризик, стрес и можност за поголема заработка. Заради поголемата заработка се здоби со чувство на успешност, кое во одреден период го прикриваше заморот и даваше оправдување за немањето слободно време, но долгорочно и предизвикуваше анксиозност и чувство на неисполнетост, затоа што првичниот мотив за отворање на сопствен бизнис не беше заработка, туку создавање на своја рутина и време за себе.

Со искреност кон себеси до бизнис по „твоја мерка“

Во ваков случај препознавање на автентичниот мотив за отворање на бизнис ќе и помогне на девојката да креира работна средина во која ќе размислува и ќе работи кон раководење на бизнисот преку механизми кои ќе и го решат првичниот проблем, а ќе ја одржат во бизнис, наместо да се фокусира исклучиво на раст на бизнисот и капиталот.

За да се биде успешен во бизнисот, од голема важност е да се препознаат личните потреби и да се создаде синергија меѓу нив и бизнис моделот кој ќе доведе до успешен бизнис.

Доколку успешно го одговори ова прашање, пиши ни на info@networker.mk и направи чекор кон твојата успешна бизнис приказна.