
Второ важно прашање што треба да си го поставиш при отварањето на бизнис
Спремна ли сум да преземам ризик?
Ако претходно немаш искуство со отворање на бизнис, освен што ти ствара пеперутки во стомакот, идејата може да звучи многу страшно и страно. Делумно, тоа е така поради тоа што тоа не е дел од секојдневието на многу луѓе, но на оние кои им е, тоа им звучи сосема нормално. Мојот совет е да започнеш со тоа што ќе ја споделиш идејата со повеќе луѓе од твоето окружување.
Набљудувај ги реакциите на пријателите
Најголем број на “браво” и бодрење ќе добиеш од млади луѓе, миленијалци, и луѓе кои работат во ИТ секторот, затоа што на нив идејата и не им е толку странска, впрочем голем дел од нив и размислуваат за истиот чекор но не собрале храброст, па се радуваат на твојата храброст.
Прифати ги реакциите на твоите родители
Следна реакција е немање реакција, и тоа обично доаѓа од повозрасни луѓе кои долго време работат за некого, за државата, за фирми со долга историја, каде што добиле “решение” и едноставно ваквата опција не постои во нивниот референцијален оквир, па не знаат ни како да реагираат. Ако се сетат, ќе ти честитаат, ако не се сетат, не им замерувај.
Учи од реакциите на на оние кои веќе имаат бизнис
Третата реакција, што ќе ти даде најмногу заземјеност и храброст, е реакцијата на луѓе кои веќе имаат свој бизнис. Нивната реакција ќе биде приземјена, ќе бидат среќни за тебе и ќе го истакнат тоа, но за разлика од првите, нема да звучат изненадени, како да правиш нешто неверојатно. Тоа е така затоа што тие знаат дека е многу лесно да се отвори бизнис, и е многу нормална работа.
Отварањето на сопствен бизнис е само почеток
Впрочем секоја година во Македонија се регистрираат околу 7000 нови бизниси. 7000 луѓе годишно преземаат ризик кој може да ги реши нивните потреби и предизвици, или да ги направи посилни за следниот предизвик. Па така, наместо да се кочиш од стравот дали ако отвориш свој бизнис истиот ќе успее, во твоите очи, или во очите на тие со кои си го споделила тоа, гледај на бизнисот како само една можност.
Импактот кој го оставаш како претприемач е редок и значаен
Во животот ќе имаш илјада можности да се редефинираш како личност и како професионалец. Еден бизнис кој опстанал во живот 10 дена е еден успех повеќе од тоа да не започнеш воопшто. Една исплатена плата на еден вработен е повеќе отколку што мнозинството луѓе ке придонесат за подобрување на нечиј туѓ живот или за општеството. Овој бизнис нема да те дефинира тебе од корен и нема да го дефинира твојот личен успех.
Прифати го ризикот и одговорноста за финансиската загуба пред да започнеш
Сепак, важно е да се знае дека отворањето на свој личен бизнис носи свој финансиски ризик кој мора да бидеш спремна да го преземеш. Без разлика дали сама го финансираш својот бизнис или имаш најдено инвеститор/и, постои одредена одговорност која ја сносуваш кон себе, кон државата и кон нив, па така мораш да расчистиш со идејата дека преземањето на овој ризик може да значи финансиска загуба, но дека ти си подготвена да го сносиш тој ризик за можноста за постигнување на твојата цел.
Доколку можноста за импакт со сопствен бизнис сметаш дека го победува стравот, пиши ни на info@networker.mk и направи чекор кон твојата успешна бизнис приказна.