Во оваа статија сакаме да покажеме една техника која што ја користиме сите во тимот на Нетворкер. Кога велиме сите, мислиме од дизајнери преку маркетери до финансиски аналитичари. Станува збор за Crazy 8s, eдна од многуте методи инкорпорирани во Спринтот која е клучна за отстранување на креативната блокада на мозокот.


Crazy 8s во детали

Методот е мал дел од 5-дневниот Спринт и истиот ги предизвикува луѓето да скицираат осум различни идеи во осум минути. Целта е да се пуштиме од нашата првична идеја за која цврсто се држиме, а која најчесто на крај е најмалку иновативна и да генерираме мноштво од решенија за одреден предизвик.


Како што кажавме, не е воопшто потребно да бидете дизајнери за да ги примените Crazy 8s. Не е потребно да направите ремек дело на својот лист кога скицирате, туку да ги визуелизирате идеите од вашата глава. Може да го користите за идеализирање на големата слика од одреден дизајн,, ценовна стратегија, маркетинг стратегија… и сето тоа на осум начини во осум минути без претерано размислување.

На крајот ќе завршите со многу идеи кои не сте ни биле свесни дека ви стојат некаде во позадината на мозокот.  Од нив може да се извлечат неколку најдобри кои се вредни за подетална разработка и евентуално подготвување на прототип и негово тестирање на потенцијални корисници како крајна цел.

Како го правиме тоа ние?

Она што ви треба е добра енергија,  А4 формат листови, неколку маркери и одбројувач на време. Превиткајте ги листовите на три пати така што ќе добиете 8 правоаголни прозорчиња кога ќе го одвиткате листот.

Поставете го одбројувачот на 8 минути и почнете со скицирање. Фасилитаторот во тимот кој е назначен како одговорен за спроведување на овој метод има за задача на секоја помината минута да ви дава до знаење дека треба да се префрлите на следен правоаголник од превитканиот лист.

Целта е секој во тимот да изгенерира осум скици со отворен ум и без лимити и кочници. Во овие неколку минути сосема е нормално да се чувствувате избразно, бидејќи поентата е да не заглавувате на ситници и детали туку да генерирате различни идеи од она што мислите дека треба да се решава како проблем.

Најважно е што скиците не мора да се перфектни, всушност во ред е да се хаотични. Целта на овој метод е само да се генерираат различни идеи, бидејќи е важен квантитетот на изгенерирани идеи, а не квалитетот.

crazy 8s

Пишете ни на info@networker.mk доколку сакате да ги пробате Crazy 8s и направете чекор кон успешна бизнис приказна.