Процесот на едукација е така конципиран да креира работничка класа, која своето време (единствениот ресурс кој нема како да се мултиплицира) ќе го менува за пари. Секоја одлука што се прави, поврзана со школувањето, е од аспект на добивање на т.н. работа од соништата.

Работата од соништата- вистина или мит?

Размислете за себе, сте инвестирале во себе, сте се школувале и дообразувале на најразлични начини сè со цел еден ден да се вработите. Откако сте се вработиле, го менувате вашето време за пари, со цел враќање на инвестицијата која сте ја направиле. Дури и самиот процесот на школување започнува со прашањето: „Што сакаш да работиш кога ќе пораснеш?„ а завршува со пораките од повеќето универзитетски професори: „Полни го CV-то за да бидеш атрактивен за работодавачите!„ провлекувајќи една единствена идеја низ целата патека на школување- вработи се и работи ја работата од соништата.

Најбогатите 1% од населението не го следеле традиционалниот кариерен пат

Најбогатите луѓе, сосема спротивно од образовната патека, научиле како да добијат повеќе од ресурсот кој е најскапоцен- времето, нудејќи нешто што и самиот образовен систем го побарува- пари. Решението, или тоа што тие го сфатиле е градењето на бизнис или т.н. мултипликација на трудот.

Мултипликацијата на трудот како начин за зголемување на ресурсот наречен време

Зошто мултипликацијата на труд е толку важна? Добар сметководител или хирург може да заработува одлично, но единствено од сопствениот труд. Во моментот кога тој ќе престане со работа, неговите приходи престануваат.

Најголемата предност на бизнисот е што овозможува истиот тој квалитетен сметководител, базирајќи се на својот имиџ, да отвори ланец на сметководствени бироа во државата под свое име и обучи тим од 20 сметководители.

Квантитет и квалитет при мултипликација на трудот

Дали вработените на сметководителот ќе работат подеднакво квалитетно како него? Најверојатно не, меѓутоа сите 20 сметководители ќе вложат по 8 часа дневно од својот живот во име компанијата, носејќи му на нашиов сметководител 160 часа дневно. Никогаш 8 часа професионална работа, не може да биде подеднакво квалитетна и профитабилна како 160 часа работа која квалитетен човек ќе ја менаџира.

Зошто тогаш немаме толку многу претприемачи ако е толку лесно и исплатливо?

Прва причина е влијанието на окружувањето во Македонија кое може да се подели во две подгрупи. Едната е веќе споменуваниот образовен систем, а втората е фактот што во претходното општествено уредување не биле почитувани бизнисмените. Втора причина е што градењето на бизнисот не е нималку лесна работа и на почеток побарува многу повеќе временски влог од класичното работно време.

И двете причини, вака комбинирани, со добра заедница на претприемачи која ќе ги соочува со истите, несомнено би се надминале. Вие, што го читате ова сте само пример дека се може, затоа што сум сигурна дека не размислувате исто како претходно!