Решивме секој петок да раскажуваме по една успешна претприемничка приказна од Македонија која ќе те мотивира и посака убав викенд. Прва е онаа на Бошко Нелкоски, кој со својата компанија ,,НЕЛКОСКИ ОРГАНИК ФУД” успеа да формализира огромно семејно искуство во одгледување на органски лешници. Прашањата на кои ни одговори Бошко се следните:

Како би ја опишал твојата компанија во една реченица?

Нелкоски Органик фуд е компанија која произведува органски производи, произведени со срце.

Која е твојата визија за наредните пет години?

Визијата на компанијата е да постигне засилена база на добавувачи на суровина и нивно подобро менаџирање преку дигитализација на земјоделието и зголемување на продажбите за најмалку 3 пати. Стремежот на Нелкоски органик фуд е да биде извозно ориентирана компанија со обезбедена нова механизација за зголемено производство, со запазување на сите стандарди и креирање на линија за производство на домашно чоколадо. 

Кој е твојот омилениот цитат?

Тешко е да се тргне, но уште потешко да се продолжни низ бурите што доаѓаат! Но не смеете да се откажете. Тогаш се прави големата предност. Само најсмелите успеваат! 

Кои се предизвиците со кои најчесто се соочуваш во текот на работењето?

Најчести предизвици со кои се соочуваме се: проблеми со добавувачи, зголемување на цени и нестабилност на пазар, потреба од дополнителни капацитети и инвестиции. Тешко е да се прави бизнис во мала држава каде производството на лешник е ограничено, а особено производството на Органски производи.

Која е најинтересната работа која ти се има случено во досегашното работење?

Би издвоил две интересни приказни од кои едната е средба со производител на путери од Словенија со кој разговаравме за садници лешник. Му споменав дека јас верувам дека секое дрво има своја енергија и потребно е да се пази и негува посебно. Да знаеме за тоа стебло информација што му е потребно. Тој ми кажа дека верува во истото и почнавме веднаш да соработуваме, а таа соработка трае од првите денови на основањето на компанијата. 

Другата приказна е средба со потенцијални купувачи од Австрија на која после половина час разговор за евентуална соработка, со еден од клиентите, сфативме дека се знаеме предходно од некаде. Всушност и двајцата сме учествувале на иста младинска европска средба пред 18 години. Така започна соработка со нашите партнери од Австрија, која сеуште трае.

Бошко е одличен пример за тоа како од семејно наследство може да се изгради бизнис во земјоделие кој успешно ќе извезува на странски пазари. Следната недела продолжуваме со приказни на други претприемачи, а дотогаш уживај во викендот!