За потрошувачките навики и финансиската (не)писменост – дел 1
Во текот на последните 5 години интезивно се занимавам со терминот финансии. Интересот потекнува првично поради мојата професија како финансиски советник, но и од желбата за обелоденување на целата таа мистерија на финансии. Во текот на моето работење, најголемиот дел од клиентите ми објаснија дека токму пред овој термин решиле да ги затворат и ушите и очите, како тоа да е најкомплицираната работа, веднаш после квантната физика. Затоа, немојте да бидете скептични, ветувам нема да користам комплицирани финансиски термини.
Вистината е дека финансиите и не се толку комплицирани како што изгледаат. Самиот тој сектор, на чело со финансиските институции сакаат да ги направат такви. Замислете, дури и зборот финансиски институции е збунувачки. Аналогно на мистеријата за финансии, логично е да се постави прашањето, зошто ги доживуваме финансиите како комплицирани, или одбиваме да научиме за истите?
Единствената работа за која не учиме на училиште е како да управуваме со сопствените пари.
Во текот на моето школување, до крајот на магистерските студии по економија, едвај еднаш беше споменат терминот лични финансии, без конкретни насоки за користење на најразличните финансиски алатки (кредити, кредитни картички, осигурување, акции итн.). Поради тоа, неизбежно е прашањето: „Дали формалното образование е право пропорционално поврзано со финансиската писменост или обратно пропорционално?“.
Целиот споменат процес е така конципиран за да се дојде до најскапоцениот ресурс, кој нема како да се зголеми- времето.
Инвестираме во себе, се школуваме и дообразуваме со цел еден ден да се вработиме. Откако ќе се вработиме го менуваме своето време за пари, со цел враќање на инвестицијата која сме ја направиле. Во земјите во транзиција како нашата, овој круг „дај пари за да земеш пари“ е уште покомплициран. Со промена на општественото уредување од социјалистичко во капиталистичко, пораките на окружувањето се променија. Од „клати врата, земај плата“ се придвиживме кон „учи за да ја работиш работата од соништата“.
Во 90% од случаите, финансиските проблеми не доаѓаат од малкуте работни саати. Tие потекнуваат од „лошите потрошувачки навики“или од недостатокот на финансиска едукација.
Сè уште слушам како некои од моите пријатели коментираат дека е потребно повеќе саати да работат, затоа што така никогаш нема да ги решат нивните финансиски проблеми- иронично. Размислете за погореспоменатото. Доколку не знаете како да ги инвестирате вашите пари со просечна заработка, нема да знаете и кога ќе имате високи приходи. Единствено нешто што ќе се случи е тоа што ќе се зголемат границите на вашата потрошувачка. Сетете се на последниот пат кога сте добиле покачување на платата, лесно им најдовте „чаре“ и на тие пари, не?
Потребно е само да се променат навиките и ставовите за парите. Возможно е да се постигне финансиска независност и со парите кои ги заработувате сега. Но, како и за сè друго вредно во животот, потребна е посветеност и дисциплина.
NETWORKER е мрежа на експерти која ќе направи анализа на твоите потрошувачки навики и со цел нивно подобрување, ќе ти изработи бесплатен финансиски план. Пиши ни на contact@networker.mk и раскажи ни за твоите финансиски предизвици.