
Приближување на различните перцепции на инвеститорите и претприемачите
Многу често посочувам дека во Македонија ситуацијата со инвеститорство е целосно различна од она што е општо познато. Изненадувачки, имаме многу инвеститори, но недоволно стартапи спремни за инвестиција. Тоа не значи дека немаме добри идеи, напротив, во нашето работење досега бевме соочени со одлични иновативни решенија, но истите беа несоодветно спакувани за пазарот и инвеститорите.
Зошто се случува ова?
Главна причина е различната перцепција на инвеститорот и претприемачот, која многу често води до неуспешен состанок и пропуштена можност за инвестиција. Споменатото, главно е последица на две причини.
Прво, претпремачите мотивирани и со огромен ентузијазам го објаснуваат својот продукт и неговата иновативноста, посветувајќи најголем дел од состанокот на истото. Додека пак, инвеститорите очекуваат да слушнат повеќе за очекуваните приходи и потенцијалниот поврат на инвестицијата.
Втора причина е фактот што претприемачот, така мотивиран, е емотивно поврзан со својата идеја и несекогаш спремен објективно да разговара зошто истата не би успеала. Инвеститорот од друга страна, знае дека иновативноста на идејата е само една од факторите за успех на бизнисот и е заинтересиран да соработува со партнер кој авансно размислил за тоа какви импликации ќе имаат ,,црните денови”.
Премостувањето на јазот во различните перцепции на инвеститорот и претприемачот едноставно би се надминал со следните чекори:
1. Објаснување на идејата во 5 минути
На самиот почеток препорачливо е да се зборува каков проблем решава идејата, колку тој проблем е важен за лицата кои го имаат и дали постои засегната страна која би платила за решавање на овој проблем? На овој начин ја поставувате вашата уникатна продажна вредност, го профилирате вашиот идеален купувач и го посочувате вашиот бизнис модел.
2. Финансиско проектирање на приходите низ 3 сценарија
Кога одговорите на трите прашања (бизнис моделот, таргет купувачите и проблемот кој се решава) ќе ги комбинирате заедно, се добиваат очекуваните приходи во нормални околности на бизнисот. Очекуваното сценарио е базирано на анализа на пазарот и валидирање на идејата барем од 5 потенцијални клиенти. Можноста да се случи изнесува 65%.
25% има шанса да се случи песимистичко сценарио, или сценарио во кое настанува ситуација која не зависи од квалитетот на продуктот или бизнис моделот. Едноставно, се случила некоја промена во окружувањето на која не можете да влијаете (пр. Ковид кризата со која се соочуваме сега, технолошки промени, образовни фактори итн.). Доколку претприемачот размислил на ова сценарио и предвидел колку би бил приходот во оваа ситуација, инвеститорот би се чувствувал безбедно и подготвено.
Последно сценарио е оптимистичкото кое има 10% шанса да се случи и повторно не зависи единствено од квалитетот на продуктот. Исто и во овој случај, претприемачот потребно е да размисли кој би бил приходот и да не биде претерано одговарајќи си на прашањето ,,Кога сите карти би се поклопиле за мојот бизнис, што ќе се случи тогаш со приходите?
3. Претставување на реален приход на бизнисот со помош на пондери
Следен чекор е претставување на реалниот приход со помош на пондерирање на приходите од трите сценарија со нивната можност за настанување. Најдобро е објаснето со следниот пример, каде претпоставуваме колку се одделните приходи:
– очекуваниот приход е 10.000 €
– песимистичкиот приход е 5.000 €
– оптимистичкиот приход е 15.000 €
Реален приход = (10.000 x 0.65) + (5.000 x 0.25)+ (15.000 x 0.10)
Реален приход = 9.250
4. Пресметување на поврат на инвестиција
Така најдениот реален приход најдобро е да се искористи за пресметка за поврат на инвестицијата (ROI) која ја обезбедува инвеститорот. Дополнително, може да се пресметаат и три ROI за соодветните сценарија: песимистичко, оптимистичко и очекувано.
Имаш идеја, но не си сигурен дали е атрактивна за инвеститорите?
Тестирај ја со методологијата Дизајн Спринт со Нетворкер.
Пиши ни на info@networker.mk и дознај повеќе.